Објавена програмата за 41. издание на фестивалот МОТ

Со „Вашето кралство“, претстава на трупата Форте компани од Унгарија, а во режија на Лаба Хорват, на 21 септември ќе биде отворен меѓународниот фестивал „Младински отворен театар“.

Овогодинешното, 41-во издание на фестивалот ќе се одржува до 27 септември. Фестивалот го организира Младинскиот културен центар, под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура.

На фестивалот ќе гостуваат повеќе трупи од Унгарија, Словенија, Бугарија, Србија, Чешка, Куба, Косово и Романија. Целосната програма може да се најде на официјалната веб страница.

Во рамки на фестивалот, од вечерва во 19 часот до 27 септември, во холот на МКЦ ќе биде поставена изложба на фотографии и постери на еден од најистакнатите македонски фотографи, Љупчо Илиевски. Изложбата се состои од фотографии со театарска тематика, направени во периодот меѓу 1984 и 1996 година, од изданијата и репертоарите на МОТ.

Воедно, од утре до 19 септември во џепното кино на МКЦ ќе се одржи и програмата „Шекспир на филм“, во соработка со Британскиот совет во Скопје. Влезниците за проекциите се бесплатни.

Вечерва ќе биде поставена и претставата „Догвил“ на Миксер Хаус во Белград, во режија на Кокан Младеновиќ. Станува збор за театарска адаптација на истоимениот филм на Ларс фон Трир.