Објавена програмата за 37. издание на „Браќа Манаки“ во Битола

Со премиера на филмот „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија ќе се отвори годинешното, 37-мо издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Во текот на фествалот што ќе се одржи од 10 до 17 септември се најавени десет различни филмски програми, 150 филмови, од 50 земји во светот. Предвидени се награди за животно дело за двајца великани на светската кинематографија, Роби Милер и Џон Сил, а ќе бидат прикажани и 14 врвни кинематограферски остварувања во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300.

„ Видлива е доминацијата на европскиот филм за што алиби имаме во започнатата соработка со МЕДИА, но и натаму остануваме фестивал на светските кинематографери. Од аспект на кинематограферите, ја продолжуваме врската, континуитетот на застапеност на оние кои веќе учествувале на предходни наши изданија и се закитиле со награда, со што придонесуваме за нивната поголема светска афирмација“, рече Благоја Куновски – Доре, директор на фестивалот на денешната прес конференција во Битола.

Тој нагласи дека најмалку седуммина од кинематограферите од главната програма ќе бидат гости во Битола

 

Интернационалното жири ќе го предводи американскиот кинематографер и режисер Федон Папамихаил, кој, воедно е и годинашен добитник на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Членови се: Клер Пијман, кинематограферка од Холандија, Алин Ташчијан, филмска критичарка и претседателка на Меѓународната асоцијација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, Ѓокан Тирјаки, кинематографер од Турција и Владимир Самоиловски, кинематографер од Македонија.

Друштвото на филмски професионалци на Македонија (ДФРМ), наградата „Голема Ѕвезда“ за исклучителен придонес за македонската кинематографија ќе му ја додели на светски познатиот продуцент Сајмон Пери, кој го продуцираше најуспешниот македонски филм “Пред дождот“.

Во Документарната програма публиката на фестивалот ќе види десет филмови од најновата светска продукција.

„Сите десет документарни наслови го содржат режисерскиот концепт на ангажираност кој антиципира присутност на актуелниот момент во постоењето на акцијата и немирот на протагонистите“, рече Гена Теодосиевска, селектор и уметнички директор на Фествалот.

Во програмата „Мак Поинт“ ќе бидат претставени поновите остварувања на филмските автори од Македонија, со кратки играни и документарни филмови и еден целовечерен игран филм. Годинава филмска Земја во фокус е Турција. 

Кинотеката на Македонија и годинава се вклучува во програмата на фестивалот со програмата 45 години Македонски анимиран филм. Публиката на Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе има ретка можност да се запознае со најдобрите остварувања од последната едиција на филмскиот фестивал Golden Apricot“, кој се одржува во Ереван, Ерменија.

И годинава продолжува традицијата на Студентската програма, додека децата ќе уживаат на „Браќа Манаки“ со Детската програма.  На фестивалот ќе се одржат три мастер класи на врвни светски имиња на кинематографијата, меѓу кои е и оскаровецот Алан Старски, кој ја работеше сценографијата на филмот „Шиндлерова листа“, потоа изложба посветена на Роби Милер, а ќе се одржи и конференцијата на ИМАГО, на која ќе пристигнат педесетина учесници.

Годинашното фестивалско мото ја слави светлината, филмската уметност и градот Битола и гласи – „Movie On – Feel the light, Feel Bitola“  (Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола).

Фестивалот ќе го затвори премиерата на новиот македонски игран филм „Златната петорка“, кој ќе биде прикажан надвор од конкуренција. Се работи за  една историско-современа интерполирана морална драма, во режија на Горан Тренчовски.