Објавена програмата по денови за „Д Фестивал“

Како што се ближи најголемиот македонски фестивал под отворено небо – „Д Фестивал“, така организаторот „Пасворд“ ги објавува сите настапувачи по денови на музичкиот собир во Дојран, кој ќе се одржи од 1 до 3 јули.

На фестивалското мени веќе се потврдени артисти како „Kosheen“, еден од најпросперитетните бендови на електронска музика во Обединетото Кралство, потоа австриското дуо Крудер и Дорфмајстер, Марки Рамоун од легендарниот состав „Ramones“, синот на реге иконата Боб Марли – Џулијан Марли, секогаш енергичните „Kultur Shock“, американскиот електронски продуцент ZHU, пустинските воини „Tamikrest“, украинските пост-рокери „Törzs“…

Има и доста македонски бендови и артисти. Аудиториумот ќе може да чуе музики од „Чиста околина“, „Зад аголот“, „Луфтанза“, „Перија“, проектот „Пијан Славеј“ на Бранислав Николов, „Хајка“, „Короужн“, „Преку ред“, Дина Јашари, Флудер, Џантрикс…

Сите овие имиња и плус уште десетици други ќе бидат распоредени на повеќе различни стејџови и фестивалски зони.

За оние што не знаат, или повторно сакаат да дознаат – „Д Фестивал“, или нагалено „Д Фест“ започна како реакција на непостоењето на фестивали од таков тип во Македонија.

„Пасворд продукција“, инаку која за себе вели дека е позната по својата тврдоглавост во неприфаќање на состојби на неизлезност во културата и овој пат како и секогаш во својата 25 годишна историја, во 2011 година започнува нешто сосема скромно, кое денеска е познато како најголемиот летен фестивал во Македонија.

„Тоа што денес е тродневна прослава на позитивната атмосфера преку музика, филм, театар…претставено на неколку бини и фестивалски камп а посетено од 15000 насмеани лица, пред 11 години имаше навистина друга форма која можеби и не ветуваше дека овој фестивал ќе израсне во тоа што е денес, симбол на заедништвото, убаво поминатото време, дружењето и на крај на денот – љубовта. Токму таа, љубовта е основниот двигател и мотив на сите присутни на фестивалот, организаторите, артистите и публиката. И сето тоа на Дојранското езеро, мало ама жилаво…токму како сите нас. Мал ама силен магнет за стотици интернационални, регионални и локални артисти“, пишува „Пасворд“.