Објавена последната слика на воена фотографка од експлозијата која ја убила

Армијата на САД ја објави последната фотографија на Хилда Клејтон, воена фотографка која починала во Авганистан пред четири години, во несреќа при експлозија на минофрлач. Професионалниот дневник на армијата вели дека сликата прикажува како жените се сè почесто изложени на опасни ситуации во војска.

Фотографијата на Клејтон беше објавена во понеделникот во магазинот Military Review.

„Смртта на Клејтон симболизира како женските војници се сè почесто изложени на опасни ситуации во тренинг и во битка, исто како и нивните машки колеги“, пишува во магазинот.

Клејтон ја направила фотографијата за време на практична вежба на 2 јули 2013 година, во провинцијата Лахман во Авганистан. Експлозијата убила и четворица авганистански војници. Еден од нив бил фотоновинар и партнер со кого тренирала.

 

Military Review забележува дека експлозијата се случила во критичен момент од војната, кога било важно за САД и авганистанските сили да работат во партнерство за да ја стабилизираат земјата.

„Не само што Клејтон помогна да се документираат активностите чија цел беше да се оформи и зацврсти партнерството, туку и го сподели ризикот со другите преку учеството во трудот“, додава магазинот.

Фотографката, која е родена во Августа, Џорџија, била член на 55-тата сигнална трупа Форт Мид. Имала 22 години.

Гордон Ван Влит, портпарол на нејзината команда, вели дека последната фотографија е објавена со согласност на нејзиното семејство. Ван Влит вели дека тие не сакаат да коментираат.

Клејтон била постхумно наградена со годишна награда за најдобра фотографија од битка, која сега го носи нејзиното име. Војниците-фотографи се тренирани да фотографираат и снимаат во секаква околина и да ги придружуваат војниците, со цел да ги документираат воените операции.