Објавена новелата „Марика и стравот“ – дебитантска книга на Емилија Славковска

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје ја објави новелата „Марика и стравот“ – дебитантска книга на младата писателка Емилија Славковска.

Во новелата „Марика и стравот“ има необична и нестандардна раскажувачка постапка – се раскажуваат приказни и мисли на различни луѓе наназад, секоја наредна приказна се случува една година порано. Започнува со тажен крај, а завршува со среќен почеток.

„Марика и стравот е новела која ми е многу блиска, затоа што користев елементи од сопствениот живот за да креирам некои ликови. Започнува несреќно и завршува среќно, но сепак несреќно, земајќи предвид дека оди наназад во времето со секој расказ“, вели нејзиниот автор Славковска.

Темите во приказните содржат многу прашања и индивидуални заклучоци за љубовта, смртта, внатрешните конфликти и мисли кои би можеле да се наречат абнормални или нереални, иако притоа е речиси незабележлива границата меѓу реалноста и иреалноста.

Сепак, ова дело овозможува поглед на реалноста од длабоко интерен (индивидуален) аспект, необјективен но искрен, издлабен со вистинско чувство и емоција од вистинска личност и дава можност да се искуси нечиј внатрешен свет од објективен читател.

Рецензентот Ѓоко Здравески, меѓу другото, за книгата на Славковска пишува: „’Марика и стравот` е ракопис што ќе внесе свежина во македонската книжевна продукција. Жанровски може да се дефинира како хибрид што во себе ги содржи трите книжевни рода: епскиот, лирскиот и драмскиот… `Марика и стравот` лесно може да се дефинира како постмодернистички, не само поради хибридноста, туку и поради својата фрагментираност, но и поради клучните онтолошки прашања што се отвораат во него, како што се прашањето за двојникот или прашањето за постоењето на паралелни стварности… Иако се работи за дебитантски ракопис, од аспект на содржината, станува збор за дело на автор со јасно изграден светоглед, дело во кое се отвораат важни филозофски прашања, но и за дело што е оригинално по својата форма, дело какво што, колку што ми е мене познато, сè уште не се јавило на нашата книжевна сцена.“

Претходно, Славковска има објавено своја поема во Антологијата „Писанија” во Врање.

Таа е позната и по нејзиниот прекрасен глас. Годинава, Славковска беше наш гостин во Engage Kicks & Gigs.