Oбјавена новата книга на Жарко Кујунџиски „Ние предметите“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави новата книга на Жарко Кујунџиски, „Ние предметите“. Ова е негова трета поетска збирка. За корицата на книгата е искористена сликата „Љубов на месечината“, на уметникот Ване Костуранов.

Новиот поетски ракопис на Жарко Кујунџиски содржи четири дела: пролог, два циклуса – Ние и Предметите, двата со по 32 песни, и епилог. Станува збор за една хармонично структурирана книга стихови, која пленува со својата инвентивност и со висок степен на култура на изразот, како што му прилега на поетскиот дискурс. Жанровското богатство на песните поместени во ракописот, како и високо стилизираниот исказ, одат во прилог на неговите несомнени естетски вредности.

„Песните се одликуваат со мошне впечатливи поетски слики, неретко во еден манир сроден на надреалистичкиот, во смисла на очудување на реалното, игра со вообичаеното и со нашата рационална свест. Тематскиот дијапазон е широк и разновиден; опфаќа љубовни мотиви, митски реминисценции и автопоетички размисли околу поезијата, неретко со еден (авто)ироничен призвук“, вели во својата рецензија кон збирката Лидија Капушевска-Дракулевска.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Жарко Кујунџиски (роден 1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет и филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.  Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013. Добитник е на голем број книжевни награди и на една награда за глума. Неговиот роман Spectator е првиот дебитантски роман во современата македонска книжевност со седум изданија.