Објавена македонската верзија на Прирачникот за новинарство засновано на податоци

Центарот за развој на медиуми денеска во ГЕМ клубот во Старата скопска чаршија го претстави македонското издание на „Прирачникот за новинарство засновано на податоци“.

Објавен Прирачникот за новинарство засновано на податоци на македонски јазик

Овој прирачник кој е приреден од Џонатан Греј, Лилијана Бунегру и Луси Чејмберс е изворно издание на Фондацијата „Отворено знаење“ и на „Европскиот центар за новинарство“ и претставува обид новинарството засновано на податоци да им се приближи на новинарите секаде во светот.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми рече дека познавањето на работа со податоци е значајно во работата во сите области.

„Работа на новинарите е не само да се грижат да бидат први во известувањето, туку и да прикажат што се случува зад општествените настани за кои ја известуваат јавноста“, истакна Георгиевски.

Новинарката Сашка Цветковска, која е една од ретките новинари во Македонија кои практикуваат дата новинарство, рече дека е скапо да се дојде до документите потребни за вакви новинарски истражувања, особено во земја како Македонија.

„Овде гледам многу претставници на невладиниот сектор кои се бават и со медиуми, би било добро заедно со нас да почнат една кампања за поевтинување на податоците. Што и да сакате да правите Централниот регистар е базата каде се почнува ваквото истражување, но документите во Македонскиот централен регистар се едни од најскапите на светско ниво. Никаде немам платено толку скапо документи – ако во Македонија за четири евра ќе добиете една обична тековна состојба, во Италија за шест евра ќе добиете 300 страни документи за една фирма.Ако сакате комплетен извештај за една фирма, да ги погледнете финансиите за последните три години, да ја видите историјата на сопствеништво, да направите увид во регистерската влошка, за една фирма ќе ве чини околу сто евра. Тоа се суми кои се десет па и петнаесет пати поскапи од централните регистри во европските земји“, вели Цветковска.

Македонското издание на книгата за новинарство засновано на податоци го подготви Центарот за развој на медиуми, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ).

Виолета Глигороска од ФООМ рече дека следејќи ги извештаите на меѓународните медиумски организации за состојбата во медиумите и во новинарството во Македонија, забележале дека од година во година се повторува една реченица за новинарството, а тоа е дека покрај тоа што е длабоко поделено, нивото на професионализам е на многу ниско ниво, но и дека малку или воопшто го нема истражувачкото новинарство.

„Поаѓајќи од овие извештаи, одлучивме дека една вакво издание на македонски јазик, ако ништо друго ќе придонесе во обидите на оние кои веќе се занимаваат со истражувачко новинарство да го прават тоа на многу поквалитетен начин, а за другите кои допрва ќе го прават тоа, ова да им биде солиден прирачник и учебник во натамошното работење“, додаде Глигороска.