Објавена листата на најдобри европски музички фестивали за 2015 година

Гласовите се избројани и прогласени се најдобрите. Романскиот Untold Festival е најдобриот голем европски фестивал за 2015 година, најдобар среден фестивал е унгарскиот Telekom Volt Festival, додека наградата за најдобар мал фестивал ја доби германскиот Happiness Festival.

Оваа година, меѓу најдобрите фестивали не се најде ниту еден фестивал од регионот. Најдобар нов фестивал е Lollapalooza Berlin, најдобар фестивал во затворена просторија е Les Transardentes во Белгија, а најдобра фестивалска програма има Sziget.

Одлуката за најдобри европски музички фестивали и музичари ја донеле повеќе од 800 000 обожаватели од 50 различни земји. Покрај категориите за избор на најдобрите фестивали, се гласаше и за најдобар дебитант, химна на годината и најдобра ѕвезда.

Фестивалска химна за 2015 година е прогласена „Lean On“ на електронската група Major Lazer. Најдобар дебитант е британецот Hozier, додека наградата за најдобра ѕвезда ја доби The Prodigy.

Меѓутоа, не беше се отворено за јавно гласање. За категориите омилен фестивал, промотор на годината и нов агент на годината, гласаше професионално жири.

Победниците беа прогласени синоќа на свечената церемонија за Европските фестивалски награди во Гронинген, Холандија. Целата листа на добитници може да ја погледнете овде.