Објавена книгата „Поезија и толкувања“ од Веле Смилевски

Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, во рамките на програмата на Министерството за култура со проекти од национален интерес, ја објави книгата „Поезија и толкувања“ од Веле Смилевски.

На близу 400 страници книгата донесува избор од поезијата на Смилевски во кој доминантно место има трилогијата „Час по поезија“ („Педесет песни“, „Педесет допевања“ и „Педесет поетски коментари“), како и „Забранета книга“, прогласена за најдобра стихозбирка на јубилејните 50-ти Струшки вечери на поезијата.

Во посебен оддел објавени се толкувачки текстови за поетскиот опус на Смилевски и „Арс поетички прилози“ од авторот, што претставува метатекст создаван паралелно со неговите 14 стихозбирки. На уводните страници е објавен есејот „Новиот истражувачки дух во поезијата“ од Герорги Старделов, а потоа следуваат есеи од 25 домашни и странски критичари.

Рецензент на книгата е Влада Урошевиќ.