Објавена книгата „15 хорор приказни од работнички“ од Кристина Божурска

Книгата „15 хорор приказни од работнички“ (15 Horror Stories by Women Workers), објавена од издавачката куќа „Private print“ e уметничко-документарен проект на авторката Кристина Божурска.

Делото е составено од  15 сведоштва на работнички, претежно од текстилната и чевларската индустрија, но и од други економски сектори, придружени со цртежи изработени од авторката.

Од издавачката куќа соопштуваат дека пристапот на Божурска е новинарски, односно приказните се составени преку собирање на автентични изјави на работнички што дава естетика на симболичен памфлет кој ги шири гласовите на овие жени.

„15 хорор приказни од работнички“ е реализирана како  хуманитарен проект за собирање на донаторски средства за поддршка на обесправените жени-работнички во С. Македонија.

Со секој купен примерок истовремено се придонесува кон работата на здружението „Гласен текстилец“ од Штип, чиишто активности се насочени кон подобрување на условите на работничките во текстилната, кожарската и чевларската индустрија.