Објавена книга со поеми на Џони Кеш

Книгата со наслов „Forever Words: The Unknown Poems“ ќе вклучи 41 досега необјавена поема напишана од починатиот музичар Џони Кеш.

Поемите биле пронајдени пред Кеш да почине во 2003 година, а некои датираат дури од 1944 година, кога Кеш имал само 12 години.

Во книгата ќе се најдат и репродукции од песните напишани со неговиот ракопис. Синот на Џони, Џон Картер Кеш, изјавил, „Сакам луѓето да имаат подлабоко разбирање за мојот татко од иконичниот, интересен човек облечен во црно. Мислам дека оваа книга ќе помогне во тоа“.

„Тој никогаш не фрлаше ништо. Повеќето од овие записи беа складирани во фиоките во неговата канцеларија и во шкафовите“, објаснува.

Од околу 200 поеми и текстови за песни кои Кеш ги пронашол во домот на неговите родители во Хендерсонвил, Тенеси, „голем број биле прекрасни и завршени“, вели синот.

За селекцијата и лекторирањето на поемите му помогнал Пол Малдун, поет, добитник на Пулицерова награда и професор на универзитетот Принстон.

Кеш верува дека неговиот татко, кој е добитник на дури 19 Греми награди, би ја поддржал неговата одлука да ги објави поемите.

„Татко ми имаше поинаков карактер. Има многу мистерија во неговите поеми, но има и многу аспекти кои покажуваат дека тој беше едноставен, искрен и лесен за разбирање. Верувам дека негвата книга ги допира токму оние аспекти на неговиот карактер, и дава подлабоко разбирање за него како човек. Мислам дека би бил среќен со материјалот кој го објавивме“, заклучува.