Објавена „E-Commerce4All“, едукативна и интерактивна онлајн платформа за е-трговија

Со пораката „Сè што треба да знаеш за е-трговија“ денеска се промовира веб платформата „E-commerce4All”, прва бесплатна и интерактивна веб платформа за е-трговија.

Проектот е дело на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), со поддршка од УСАИД, а целта на платформата е поголема едукација на населението и поголем развој и промоција на е-трговијата во Северна Македонија.

Веб платформата, преку едноставен и брз пристап, ќе им овозможи на сите потенцијални и постоечки е-трговци на едно место да стигнат до потребните информации за започнување и правилно водење на една е-продавница, вклучувајќи ги клучните аспекти во синџирот на е-трговијата како што се: регулатива, испорака и е-плаќање. Дополнително, платформата директно ќе промовира и успешни приказни од областа на е-трговијата, ќе помогне во справување со сивата економија во е-трговијата и транспарентно ќе ги прикаже сите сертифицирани е-трговци кои ги исполнуваат сите услови според македонската регулатива.

„Овозможувајќи и олеснувајќи го пристапот кон сите информации кои се потребни за основање и водење на еден е-бизнис, не само за оние кои веќе имаат своја е-продавница, туку и за оние на кои им е неопходна оваа едукација за полесна адаптација на тековните трендови, АЕТМ активно учествува во создавање на услови за развој на заедницата во полето на е-трговијата. Се надеваме дека оваа веб платформа ќе им биде од голема корист на сите нови и постоечки е-трговци и ќе им служи како информативен центар за олеснување на нивното работење“, вели Марија Ристовска, проект менаџер во АЕТМ.

Платформата ќе содржи пет модули кои ќе се градат и промовираат одделно во различни фази на проектот. Со денешното лансирање на веб платформата се промовира и првиот модул кој се однесува на регулатива за е-трговија во Северна Македонија и содржи сеопфатни прирачници за состојбата со е-трговијата во земјава, информации за основање на компанија која работи со е-трговија – односно податоци што секој е-трговец задолжително треба да ги знае.

Веб платформата „E-commerce4All“, која е прилагодена за користење преку веб и мобилен уред, е достапна на следниот линк. Сите заинтересирани физички или правни лица, можат бесплатно да се регистрираат и да започнат да ја користат.