Објавена досега најдеталната мапа на Млечниот пат

Астрономи ја објавија досега најдеталната мапа на Млечниот пат, откако ги забележаа позициите на повеќе од една милијарда ѕвезди со неверојатна прецизност.

Мапата, основана на набљудувања на сондата Гаја на Европската вселенска агенција, сепак опфаќа само еден процент од ѕвездите на Млечниот пат, но сепак е 20 пати покомплетна од било кои претходни набљудувања на ноќното небо.

Гери Гилмор, основниот истражувач од Велика Британија кој работел на мапата, вели дека мисијата веќе го менува она што го знаеме за нашата галаксија.

„Всушност не знаеме како изгледа Млечниот пат“, вели тој. „Неверојатно е тешко кога си внатре во една галаксија, да дознаеш како изгледа“.

Роботската сонда Гаја, која беше лансирана во 2013 година, е опремена со фотоапарат од една милијарда пиксели, најголема досега која била испратена во вселената. Освен тоа, има и 100 електронски детектори. Прецизноста на мерките е еднаква на мерењето на ширината на еден нокот – но ако телото на човекот е во Лондон, а врвот на ноктот е во Австралија, објаснуваат научниците.

Истражувањето навестува дека можеби ќе се откријат нови факти за галаксијата, како и можноста дека Млечниот пат има многу повеќе ѕвезди од моменталниот претпоставен број од 100 милијарди.