Објавена автобиографската збирка раскази „Срце на тротоарот“ од Адријана Ананиева

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави првата книга на Адријана Ананиева, збирката раскази Срце на тротоарот.

Делото „Срце на тротоарот“ е автобиографска збирка раскази, кои добиваат своја форма по враќањето дома од патешествијата на американскиот континент на авторката. Првиот дел го сочинуваат раскази проткаени со лични видувања, додека расказите од вториот дел се создадени врз основа на разговори на пет девојки, кои може да се наречат коавторки на делото. Секој расказ е внимателно избрана епизода или епизоди од секојдневјето на протагонистите, чија намера е да ги ослободи од заборавот. Тоа се настани и размислувања со кои тие се соочиле во текот на својот престој и работа во САД.

„Раскажана во прво лице, од повеќе раскажувачи, книгата на хартија го става современото општество видено низ призмата на неколку млади жени, кои се решаваат својата среќа да ја побараат во центарот на светските збиднувања. Ананиева преку своите раскажувачи ги опфаќа клучните болни точки на нашата цивилизација: консумеризмот, отуѓеноста на субјектот, постојаната контрола на системот… Ракописот Срце на тротоарот е солиден прозен текст од талентирана млада авторка, кој е добредојден на македонската книжевна сцена, и токму поради тоа срдечно и со одговорност го препорачувам “, вели во рецензијата кон оваа книга поетот Ѓоко Здравески.

„Ова е ракопис на едно човечко будење внатре во сопствениот страв, во сопственото очекување, ракопис за непознатата животна патека, која никогаш не е во заедништво со желбата и убеденоста на една личност. Токму таа едноставна разноликост, искрена и чисто наивна човечност, го прави овој ракопис хармоничен во своето постоење, но со истото она срце – Срце од тротоарот“, пишува во својата рецензија поетот Мане Манушев.

Адријана Ананиева е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ на групата италијански јазик и книжевност со американски студии. Работела како новинар и како наставник по англиски и по италијански јазик. Три години живеела и работела во САД и во Данска. Моментално студира право на Правниот факултет ,,Јустинијан I“ во Скопје. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.