Тринаесет нови и необјавени пиеси од пет македонски автори се објавени во Антологијата на драмски текстови за деца и млади што деновиве ја публикуваше издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Станува збор за ретко издание, чија цел е да се помогне развојот на театарот за деца и млади во Македонија, но и да се фрли зрак светлина врз творците чии дела во практика се маргинализирани и потценети, објави Радио Слободна Европа.
Киро Донев, Трајче Кацаров, Љубинка Донева, Љубомир Грбевски, Билјана Станковска и Христо Петрески, се авторите кои со 13 нови и необјавени пиеси се застапени во Антологијата на драмски текстови за деца и млади што како издание на „Феникс“ и фондацијата „Македонија презент“ се појави деновиве.
Се работи за пионерски потфат чија основна идеја е развој на театарот за деца и млади и посебно препорака за изведување и понатамошна афирмација на необјавените и неизведувани драмски текстови од малубројните, но вредни македонски автори чии што ракописи во практика собираат прашина додека во театрите продолжува лелекот од недостиг на овој вид творештво.
„Како приредувач на ова издание сакав да го надминав овој јаз кој што постои меѓу театрите и авторите. Едноставно да ги изберам и публикувам тие неколкумина драмски автори кои што пишуваат текстови за деца и млади од една страна, истите да им бидат презентирани и на дофат на театарските куќи со една единствена намера и цел – најмладите читатели и гледачи да имаат театарски претстави коишто се современи, актуелни, интерактивни и кои што говорат за проблемите на децата и на младите, кои што говорат за ова наше денешно совремие“, истакнува Христо Петрески, кој овде е застапен со три свои пиеси – „Дедо Мраз гради фабрика за чоколади“, „Прва љубов“ и „Баба Мраз и Дедо Зима“.
Љубомир Грбевски Џери, откако ќе забележи дека долги години кај нас овој вид творештво за младите како да беше во хибернација, потенцира дека крајно време е да се разбудиме и да се обидеме да го фатиме чекорот со кој грабат нашите комшии – Србите и Бугарите.
„На оваа Антологија на детската драма и, да речеме, на повторното заживување на Детската радио-драма на Радио Скопје, треба да се гледа како на први кокичиња, што се вели, после долга, долга, долга зима. Верувам дека ова ќе биде еден импулс малку да се заживее овој вид творештво и домашните автори да се стимулираат со одредени конкурси и можности нивните дела да осамнат на сцените или на радиопрограмите“, вели Грбевски за РСЕ.