Објавен „трејлерот“ за филмот „Златна петорка“ посветен на убиените струмички студенти

Излезе официјалниот „трејлер“ на најновиот македонски филм „Златна петорка“,  во режија на Горан Тренчовски кој ја раскажува приказната за петмината струмички студенти убиени во 1951 година. Како што соопштија од „Револушн продукција“, наскоро ќе започне и кино -прикажувањето на филмот.

Филмот кој е посветен на убиството на петте струмички студенти обработува интимна драма која е вгнездена во стегите на некогашниот режим. Режисерот Тренчовски вели дека се работи за филм кој нема да биде ниту биографски, ниту историски, туку бил замислен како фикција за една прекината и започната љубов меѓу кои лебдат копнежот и предавството.

Филмот ,,Златна петорка“ се снимаше со финансиска поддршка на Агенцијата за филм, а помагатели на проектот  се општините Струмица, Босилово и Василево.  Во ,,Златна петорка,,  играат голем број познати актери меѓу кои и Љупка Џундева, Славко Штимац, Петар Арсовски.

Според првичните најави, струмичката премиера е планирана за 13 август, денот на убиството на петмината студенти.