Објавен романот „Харбински молци“ од Андреј Иванов

Во издание на „Бата прес“ во едицијата Руска книжевност, излезе од печат романот „Харбински молци“ од современиот руски писател Андреј Иванов.

Станува збор за политички трилер, уникатно литерарно сведоштво за трагедијата на руската политичка и воена емиграција меѓу двете светски војни.

По Октомвриската револуција, 1917 година, Борис Ребров на само 17 години, станува емигрант во Белото движење. При заминувањето од Русија за Естонија, трагично ги губи своите најблиски. Обидувајќи се да преживее, почнува да работи како фотограф и сликар, а повремено пишува и статии во кои го доловува животот на руската емиграција во Естонија во периодот од 1920 до 1940 година.

Авторот Aндреј Иванов (1971) е руски писател кој е роден и живее во Естонија. Автор е на романот „Патувањето на Хануман во Лоланд“, за кој jа има добиено наградата од естонскиот фонд „Капи- тал на културата“, а има добиено и други високи книжевни награди. За романот „Харбински молци“ ја има добиено високата книжевна награда за современ руски роман НОС („Нова словесност“).