Објавен Прирачник за социјална работа со ЛГБТИ луѓе во Македонија

„Геј мажи сакаат да се облекуваат како жени; геј мажите сакаат да бидат жени и лезбејките сакаат да бидат мажи“. „ЛГБТИ лицата не се ‘стабилни личности’“. „ЛГБТИ лицата се закана за децата“. „Сексуалната ориентација може да се промени“. „Хомосексуалните бракови или граѓанските заедници претставуваат закана за хетеросексуалните бракови“. „Бисексуалните луѓе се збунети“. „ЛГБТИ лицата се ментално болни“. „Модерно е да се биде ЛГБТИ“.

Ова се чести митови и заблуди вклучени за ЛГБТИ луѓето, кои често страдаат од социјална, верска, економска, политичка и правна дискриминација. Голем дел од оваа дискриминација се базира на митовите во кои луѓето веруваат за оние кои не се идентификуваат како хетеросексуалци или како цисродови луѓе. За да се третираат ЛГБТИ лицата подеднакво во нашето општество, треба да ги отфрлиме овие митови.

Овој сегмент е дел од Прирачникот за социјална работа со ЛГБТИ луѓе во Република Македонија, документ на Субверзивен фронт“. Прирачникот дава детален преглед кон потребите и проблемите со коишто се соочуваат ЛГБТИ луѓето во нивното секојдневие, поточно кога тие или нивните блиски имаат потреба од социјален/социјална работник/работничка.

„Сексуалните и родовите малцинства сè уште не се еднакви пред законот, а образованието и државните институции надлежни да обезбедат едукативни материјали и содржини кои не се наврeдливи и се инклузивни за сексуалните и родовите малцинства се реткост во нашето образование. ЛГБТИ луѓето како такви се невидливи во учебниците на нашето образование. Поради тоа, идентификувана е потребата социјалните работници/чки да добијат можност да научат што е можно повеќе за ЛГБТИ заедницата и како можат да ѝ пристапат, но исто така како да ги заштитат своите клиенти при нивната работа“, велат од „Субверзивен фронт“.

Според организацијата, една од главните цели на овој проект е можноста за проширување на знаењата на социјалните работници/чки за тоа како да бидат пристапни, коректни и достапни за ЛГБТИ заедницата кога е во прашање нивната потреба од социјална помош.

Поради тоа проектот, покрај овој прирачник, велат тие, како задача има првин да ги обучи социјалните работници преку неформални методи и средина во која имаат можност да разговараат со ЛГБТИ лица, да ги постават своите прашања и да ги осознаат различностите кои постојат.

„При обучувањето, утврдени се теми на работа кои се содржани во овој прирачник и ги адресираат прашањата кои социјалниот/ата работник/чка треба да ги знае при работење со ЛГБТИ луѓе“, соопштуваат од „Субверзивен фронт“.