Објавен повикот за проекти од европската програма „Еразмус плус“

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност го објави повикот за аплицирање за поддршка на проекти од програмата „Еразмус плус“ за 2016-та. Европската комисија за оваа програма за идната година на Македонија и одобри 4,7 милиони евра, или за 15 проценти повеќе од фондот во тековната година.

Во наредните два месеца караванот ќе гостува во шест градови во земјава, Скопје, Гевгелија, Берово, Ресен, Кичево и Кавадарци, во рамки на информативната кампања за новиот повик.

Како што информираше директорот на агенцијата, Дарко Димитров, минатата година со сите доделени грантови биле опфатени над 65 институции и повеќе од 800 учесници. Во 2015-та ЕК и стави на располагање на РМ 4.084.000 евра, од кои се искористени над 80 проценти, вели Димитров.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми ги повика заинтересираните да аплицираат за грант во 2016 година.Повикот, додаде тој, важи и за аплицирање во другите проекти од програмите на Европската унија, пред се во „Хоризонт 2020“.

„Еразмус плус“ е водечка програма за образование и обука, млади и спорт на европско ниво, а го опфаќа целосниот образовен систем на РМ, како и сегментот млади и младински активности. Програмата обезбедува поддршка за партнерства помеѓу образовни институции, компании, невладини организации и други субјекти кои се вклучени во областа на образованието и младите. Овозможува мобилност за наставниците и студентите за да го изградат своето знаење и вештини преку студирање во земји на Унијата.