Објавен оглас за гасоводна дистрибутивна мрежа, „О2 Иницијатива“ реагира дека гасификацијата доцни

Министерството за економија вчера (13 февруари) го објави Јавниот оглас за доделување на договор за воспоставување на јавно- приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денес на прес-конференција рече дека договорот за јавно-приватно партнерство е по Одлука на Влада од декември. Ова постапка, рече тој, е постапка предвидена да се спроведе „како постапка на конкурентен дијалог во согласност со Законот за концесии и јавно приватно партнерство и Законот за јавни набавки“.

„Според јавниот повик оваа фаза ќе трае 120 дена, односно сите заинтересирани инвеститори ќе имаат рок до 9 јуни да аплицираат, по што ќе следи отварањето на понудите“, потенцираше Бектеши.

Реализацијата на овој проект, дополни тој, е околу 300 милиони евра и ќе се спроведе во три фази во однапред утврдена динамика. Односно, по доставување на апликации, во втората фаза ќе бидат повикани сите заинтересирани компании на, како што вели, конкурентен дијалог, каде ќе достават финансиски понуди доколку ги исполнуваат условите.

„Заинтересираните инвеститори треба да имаат најмалку 5 години искуство во дистрибуција на природен гас, компанијата што ќе аплицира на повикот исто така ќе треба да има најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем за дистрибуција,да има дистрибуирано најмалку 3 милијарди м3 , во последните 3 години, и најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните 3 години“, вели министерот.

Бектеши очекува целата постапка за избор на инвеститор да заврши до четвртиот квартал годинава.

Директорот на АД „Национални енергетски ресурси“, Бајрам Реџепи рече дека во крајна фаза е изградбата на магистралниот гасовод низ државата, односно до средината на годината треба да биде целосно завршен, а интензивно се работи на интерконективните приклучоци со соседните земји.

„Веќе се создадени поголемиот дел од условите за да донесеме гас до сите домаќинства што е целта и на оваа Влада, а тоа да биде и евтино. Очекуваме дека до крајот на годината веќе ќе имаме договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство со што очекуваме дека во четвртиот кватртал ќе почнеме со изградба во неколку градови, но секако дека следната година ќе биде година на масовна изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа во државата“, изјави директорот Реџепи.

Според Реџепи, целата градба ќе трае околу четири години Според физибилити студијата, нагласи тој, избраниот приватен партнер ќе има обврска во рок не повеќе од четири години од добивање на секое поединечно одобрение за градење, да изгради најмалку 50% во градските општини. Исто така, најмалку 20% во руралните општини од предвидената примарна дистрибутивна мрежа на природен гас.

„Еден од условите во јавниот повик е приклучокот за домаќинствата да не чини повеќе од 100 евра, но внатрешната адаптација на домашните уреди според физибилити студијата пресметано на стан од околу 85 метри квадратни ќе чини околу 1.500 евра во просек, но очекувам дека трошоците ќе бидат помали поради големата конкуренција во овој сектор“ информираше директорот на МЕР.

Реџепи смета дека во моментов има голем интерес кај повеќе странски компании кои ќе се јават на јавниот повик, па очекува успех за јавниот повик.

По прес-конференцијата, „О2 Иницијатива“ излезе со своја реакција, потенцирајќи дека гасификацијата доцни, а Водно никогаш не бил и не е причината за тоа.

„Магистралните гасоводи Скопје-Тетово-Гостивар и Неготино-Прилеп-Битола планирани да бидат готови до крајот на 2019, сега се планира да се во функција до крајот на 2020. Како и да е, ќе бидат пуштени во функција“, велат еко-активистите.

Тие прашуваат зошто не се планирани изработки на проектни документации и сè што е потребно за да започне веднаш гасификација на болниците во Тетово, Гостивар, Кавадарци, Прилеп, Битола кога гасоводот ќе протече?

„Зошто голем дел од училиштата, општините остануваат да се греат на нафта, дрва? Зошто градовите со децениски гасовод, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Скопје во училиштата, здравствените и други установи сè уште планираат да користат масло, нафта, мазут, дрва за греење? Годинава е планирано да се гради гасоводот од Гостивар кон Кичево и проектната документација за кракот Свети Николе – Велес и Гостивар – Охрид – Битола. Зошто не се изработи проектната документација за гасификација на болниците и други установи во Кичево, Свети Николе, Велес, Охрид, Струга, за да се пренаменат штом се пушти гасот?“, реагираат од „О2 Иницијатива“.

Тие велат дека се трошат милиони и милиони евра за загревање на државни објекти со мазут, нафта, дрва, а државата е голем загадувач.

„Планот не беше да се промени начинот на греење само кај неколку градинки и училишта годишно. На тој начин и 100 години ни се малку“, потенцираат еко-активистите.

Б.Ш.