Објавен конкурсот за упис во средните училишта

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за упис на ученици во средните училишта за идната 2014-2015 година. Полуматурантите ќе можат да бираат меѓу 103 средни училишта во кои има 35.195 слободни места.

Уписи во средните училишта

Како што информираа од Министерството годинава се воведени 13 нови профили во повеќе средни стручни училишта, а има отворено две нови паралелки за новоформираното средно медицинско училиште во Гостивар и во Охрид, каде што гимназијата се дели на две посебни училишта во кои ќе има стручно и гимназиско образование.

„Проширени се квотите во дел од стручните, особено во дел од медицинските и во останатите стручни. Последната новина е тоа што во огласот оваа година се објавени и седумте дисперзирани одделенија на спортската гимназија и нивната активност ќе се спроведува во различни градови на државата“, истакна министерот за образование и наука, Спиро Ристовски кој посочи дека од година во година расте интересот за гимназиското образование, но повторно најдоминантни се квотите и учеството за упис во средните стручни училишта.

Учениците ќе можат да се пријавуваат и запишуваат во два уписни рока – јунски и августовски. Првото пријавување и запишување е во јунскиот рок, односно на 23 и 24 јуни. За оние кои нема да влезат во првиот рок, второто пријавување е најавено на 30 јуни и 1 јули. Пријавувањето и запишувањето во августовскиот рок ќе се врши на 21 август.

При пријавувањето учениците треба да достават пријава за запишување која може да ја подигнат од училиштето и е бесплатна, оригинални свидетелства од петто до осмо одделение и извод од матичната книга на родените.

Критериумите за избор се средниот успех од оценките од петто до осмо одделение, среден успех на ученикот постигнат по четири предмети, односно мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката, како и дипломи од освоени места на меѓународните и републичките натпревари по истите предмети.