Објавен Конкурсот за упис во средните училишта во учебната 2019/2020

Министерството за образование и наука викендов го објави Конкурсот за запишување ученици во средното образование во учебната 2019/2020 година за гимназиско, стручно, уметничко и образование за ученици со посебни образовни потреби.

Првото пријавување и запишување на учениците ќе биде на 17 и 18 јуни 2019 година, а ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 19 јуни. Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 21 јуни 2019 година, а конечните ранг листи, со резултатите, ќе се објават на 21 јуни 2019 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

Второто пријавување и запишување на учениците е на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 26 јуни.

Третото пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 1 јули 2019, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени наредниот ден.

Од МОН соопштуваат дека критериуми за избор на учениците се: среден успех на ученикот од VI до IX одделение, среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката), дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје и средна вредност од поени добиени за поведение. Ученикот по сите критериуми утврдени со конкурсот може да добие најмногу 80 поени.

Детални податоци за слободни места во сите јавни средни училишта во државата, како и информации за потребните документи и условите и критериумите за упис можат да се најдат на веб-сајтот на МОН.