Објавен конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови и други објекти за сместување во РМ за студиската 2014/2015 година.

Објавен конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови

Во студиската 2014/2015 година во државните студентски домови и други соодветни објекти за сместување во Република Македонија ќе се примаат редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Македонија. На следниот линк погледнете детали за слободните студентски легла за секој студентски дом.

Распределбата на вкупниот број на расположиви места во домовите се врши на следниот начин:

а) Прва група – 40% од вкупниот број на расположивите места во домовите се за студенти за кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата утврдена во Република Македонија, и тоа:
– студенти деца без родители и родителска грижа,
– студенти деца со посебни потреби,
– студенти деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош,
– студенти деца на самохран родител,
– студенти деца на невработени родители и
– студенти деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини.

б) Во првата група спаѓаат и студенти деца на самохран родител, студенти деца на невработени родители, студенти деца без родители и родителска грижа, студенти деца со посебни потреби и студенти деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини за кои вкупните приходи во семејството се над нето минималната плата утврдена во Република Македонија.

в) Втора група – 25% од вкупниот број на расположивите места во домовите се за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето.

г) Трета група – 35% од вкупниот број на расположивите места во домовите се за редовни студенти запишани на прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовните установи во Република Македонија кои не припаѓаат во групите од точките а), б) и в) на овој член.

Од вкупниот број расположиви места во студентските домови, 20 % се обезбедуваат за студенти, кои за прв пат ќе бидат запишани на прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија. Повеќе детали за конкурсот и условите за прием се достапни на следниот линк.