Објавен конкурсот за нов студентски правобранител на УКИМ

Да е редовен студент на еден од факултетите на Универзитетот и да ги има положено сите испити заклучно со четвртиот семестар – ова се главните услови што треба да ги исполнува студент/ка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ако сака да се кандидира за студентски правобранител.

Конкурсот е поставен на официјалната веб-страница на УКИМ на 14 мај, а е активен 15 дена, сметано од наредниот ден од денот на објавувањето.

Покрај пријавата, кандидатите треба да достават и скениран индекс како доказ дека се запишани на еден од факултетите на Универзитетот и дека ги имаат положено сите предмети заклучно со четвртти семестар, кратка биографија и мотивациско писмо.

„Согласно член 31 став 2 од Законот за високо образование, Сенатот на Универзитетот го избира Студентскиот правобранител по предлог на Универзитетското студентско собрание. Откако ќе истече рокот за пријавување на кандидати за Студентски правобранител, УСС-УКИМ на посебна седница за избор на Студентски правобранител, ќе ги интервјуира сите кандидати и ќе донесе одлука кој од кандидатите ќе биде предложен до Сенатот“, стои во конкурсот.

Кандидатурите за студентски правобранител треба да се достават преку архивата на Универзитетот или на email адресата: studentsko.sobranie@ukim.edu.mk

Дополнителни информации за конкурсот, пак, можете да се добијат на studentsko.sobranie@ukim.edu.mk

Засега само студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола избраа нов студентски правобранител. Универзитетите „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот универзтитет во Тетово, се уште немаат објавено Конкурс на своите веб-страници.