Објавен конкурсот за Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар го објави конкурсот преку кој ќе се избираат најдобрите поетски творби за овогодинешното издание на манифестацијата, која се организира по шести пат.

Како што е наведено во конкурсот, право на учество имаат поетите од Македонија и од Балканските земји, и тоа во две возрасни категории, до 18 години и над 18 години. На конкурсот учествуваат со испраќање на три необјавени песни, не подолги од 32 реда, напишани на мајчин јазик (учесниците на кои македонскиот не им е мајчин јазик, задолжително доставуваат препев на македонски или на англиски јазик). Темата и формата на песните се слободни. Творбите се испраќаат на електронската адреса на фестивалот: literaturniiskri@yahoo.com, заедно со лични податоци за авторот.

„Пристигнатите песни ќе ги оценува стручна комисија, која освен избор на наградени, ќе направи и селекција на автори што ќе бидат застапени во заедничка збирка. Ги покануваме сите афирмирани поети, како и младите талентирани поетски пера да се пријават. Најдобрите ќе настапат на поетското читање во Гостивар и ќе се борат за фестивалските награди, кои се состојат од статуетки и книги“, велат од Здружението за култура и заеднички вредности „Слово 21“, организатори на фестивалот.

Крајниот рок за пријавување е 11 април.

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ се организира во чест на 24-ти Мај, Денот на Св.Кирил и Методиј. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура.