Универзитетот „Мајка Тереза“ објави конкурсот за избор на идејно решение за Универзитетскиот комплекс во Скопје. Комплексот ќе се гради во поранешната касарна „Илинден“ во Скопје, а сите заинтересирани имаат рок до 2 октомври за да ги достават нивните трудови.
Првата награда за избраното идејно решение за изградба на универзитетскиот комплекс за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје е 600.000 денари или околу 10.000 евра, втората награда е 500.000 денари, а третата 400.000 денари. Доделените парични награди истовремено се и авторски надомест за отстапување на правата за користење на трудовите.
Конкурсот е објавен на Бирото за јавни набавки и на сајтот на универзитетот , а Комисијата што ќе го врши изборот има 6 професори членови и шест заменици. Во рамките на Универзитетот се планира и базен со полу-олимписки димензии кој во одредени случаи ќе служи и на пошироката заедница. Универзитетот ќе има пет факултети – Факултет за градежништво и архитектура, Факултет за технолошки науки, Факултет за информатика, Факултет за технички науки и Факултет за социјални науки.