Објавен конкурсот за државната награда „Гоце Делчев“ за остварување во науката

Министерството за образование и наука денеска го објави конкурсот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“ во 2021 година. Со наградата, која се доделува за научна книга или дело објавено во 2020 година, се оддава општествено признание за особено значајно остварување во областа на науката.

Право на конкурирање има автор или група автори на дела што се одделно објавени, рецензирани и каталогизирани. За датум на објавување се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата (ЦИП). Право на конкурирање немаат остварувања објавени во стручни и научни списанија со импакт фактор, како и поглавја или делови од книги.

Предлози за доделување на наградата и примероци од  научните остварувања можат да поднесат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Тие се доставуваат до Министерството за образование и наука – Одбор за доделување на наградата “Гоце Делчев”, бул.“Св. Kирил и Методиј” бр. 54, 1000 Скопје,  заклучно со 15.2.2021 година.

Доделувањето на наградата „Гоце Делчев“ вообичаено се организира на 4 мај. Повеќе информации за конкурсот се достапни ОВДЕ.