Стрип центар на Македонија во Велес објави јавен конкурс за интернационалниот стрип натпревар, што се организира во рамки на 15-тиот (јубилеен) Интернационален стрип салон „Велес 2017“, а кој ќе се одржи во средината на октомври.
Крајниот рок за поднесување на стрипови е 20 септември 2017 година.
Ване Трајков, извршен директор на Стрип центар на Македонија со седиште во Велес, информира дека пратените стриповите нема да бидат вратени.
„Со самото испраќање организаторот се стекнува со право да ги објавува и презентира заедно со авторите во рамки на промоција на своите активности – изложби, промоции, ревија СТРИП КРЕАТОР и друго. Авторите што ќе испратат свои стрипови влегуваат во комбинација за обезбедување на пат, сместување и исхрана во текот на 15 Интернационален салон на Стрип „Велес 2017“, појасни Трајков.
На стрип конкурсот во 2015 година беа пристигнати дотогаш рекордни 228 дела од 42 земји ширум светот, а во 2016 година тој број уште повеќе се зголеми и изнесуваше 254 пристигнати дела од сите континенти.