Објавен конкурс за Чивнинг стипендии за 2016/2017

Аплицирањето за Чивнинг стипендии за 2016/2017 година е во тек. Талентираните професионалци од разни области, од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од Република Македонија имаат можност да аплицираат за стипендија во рамки на британската шема за стипендирање спонзорирана од британското Министерство за надворешни работи и Комонвелт.

Чивнинг стипендијата се доделува на талентирани лица кои имаат потенцијал за лидерство. Оваа стипендија нуди финансиска поддршка за магистерски студии на водечките универзитети во Обединетото Кралство за учебната година од септември 2016 година.

Заинтересираните лица имаат можност за аплицирање до 3 ноември 2015 година. Во 2015 година се доделени стипендии на девет кандидати од Македонија кои ќе имаат можност да студираат на универзитети во Обединетото Кралство.

Стипендиите се доделуваат за едногодишни магистерски студии на повеќе предмети на водечки британски универзитети.

За да можете да аплицирате за Чивнинг стипендија треба:

  • Да сте државјанин на земја за која се отворени Чивнинг стипендиите и да планирате да се вратите назад по завршувањето на студиите
  • Да имате додипломски студии на ниво на „upper second-class honours“ според британската класификација на образование
  • Да сте биле работно ангажирани најмалку две години пред да аплицирате за Чивнинг стипендија
  • Да исполнувате минимум услови за познавање на англиски јазик според критериумите на Чивнинг
  • Да немате пречки за добивање на виза и да добиете неусловена понуда од британски универзитет

Тимот на Чивнинг би сакал да види апликации од заинтересирани кандидати кои би студирале во областите на: јавни политики (јавна администрација, правда и внатрешни работи/одбрана), студии за развој (заедници, образование и одржлив развој), економија (економско управување и управување со јавни финансии), мултикултурализам (различност и еднаквост).

Како да аплицирате

Заинтересираните кандидати треба да ги прочитаат насоките за аплицирање достапни на интернет и треба да бидат во можност да покажат дека ги исполнуваат критериумите за селекција за Чивнинг пред да поднесат апликација. За повеќе детали за роковите за аплицирање и за приоритетните области на студирање видете на: www.chevening.org