Објавен јавен повик за изградба на соларна електрична централа во Осломеј

Електрани на Северна Македонија – ЕСМ рапиша јавен повик за изградба на 100 мегаватна фотонапонска електрана во кругот на РЕК Осломеј во Кичево, која ќе испорачува електрична енергија за 20.000 домаќинства во текот на втората половина од годинава.

Ова денеска го соопштија директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, премиерот Оливер Спасовски и министерот за економија Крешник Бектеши.

Јавниот повик е распишан вчера и ќе трае до 8 мај, а инвестицијата, замислена како две електрани од по 50 мегавати, ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство во која АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер.

Според огласот, електраните ќе треба да ги гради приватниот партнер, а ЕСМ ќе ја обезбеди локацијата, пристапни патишта до електраните и балансирањето на енергијата. За возврат, приватниот инвеститор ќе му исплаќа на ЕСМ годишно сума во висина од 10% од продадената електрична енергија по продажна цена според регионалната берза Хупекс.

Според проценките, изградбата на електраните ќе чини до 80 милиони евра.

„Договорот за јавно приватно партнерство би бил во траење од 35 години, по што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на  фотонапонските електрани и да му ги предаде во фактичко владение на јавниот партнер – АД ЕСМ, во исправна оперативна и погонска состојба“, истакна Ковачевски.

Право на учество на огласот имаат сите домашни и странски компании, а на тендерот ќе победи понудувачот кој на ЕСМ ќе му понуди највисок процент од продадената струја за балансирање на енергијата.

Според Ковачевски, нивната заработка како компанија на годишно ниво би се движела од 800.000 до еден милион евра, а само осум проценти од овие средства ќе бидат трошок  за балансирањето. Како дел од договорот, новото друштво ќе треба да преземе и најмалку 100 вработени од РЕК Осломеј.

Директорот на ЕСМ најави дека се во подготовка на уште неколку капацитети од обновливи извори на енергија како што се Чебрен, фотволтаици во Осломеј и Битола, дополнување на ветерниот парк во Богаданци и нов ветеренпарк во Миравци.