Членовите на Здружението за еднородителски семејни заедници „Една може!“, вчера ги дочекале своите нови простории обиени, а средствата што ги собрале со донации украдени.
Претседателката на здружението, Дороти Пачкова, напиша за случајот на својот Фејсбук профил, каде вели дека средствата биле украдени откако пред само 20 дена, тие ги отвориле новите простории, по повод празникот на жената, 8-ми Март.
„Наша членка утринава отклучи обиен објект, кутијата со собрани средства ја најдовме скршена и испразнета, и иако планиравме со нив да платиме кирија и комуналии, јавни превозни карти за нашите влонтерки, нема да го сториме тоа навремено“, напиша Пачкова.
Таа соопшти дека полицијата извршила увид и констатирала тешка кражба.
„Не сакам но, морам да заклучам дека ни се неопходни безбедносни мерки, камери, аларм, брави, заштитни фолии… Ако од нас стигна да се краде во земјава, ништо човечко не остана“, напиша Пачкова на својот Фејсбук профил.