Обезбедени средства за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ

Обезбедени средства за поддршка на луѓето што живеат со ХИВОд годинешниот добротворен концерт на оперски арии и камерна музика, што се одржа на Светскиот ден против СИДА – 1 декември, собрани се повеќе од  140 илјади денари, информираа од „Заедно посилни“ групата за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија, а кои беа организатори на настанот.

Собраните средства од добротворниот концерт ќе бидат строго наменети за лицата со ХИВ кои живеат под линијата на сиромаштијата, како и за покривање на потребите за итна здравствена помош на сите лица кои живеат со ХИВ во Македонија.

„Благодарни сме им на сите хумани луѓе кои присуствуваа на добротворниот концерт и на тој начин помогнаа да се соберат финансиски средства кои ќе им овозможат на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија да можат полесно да ги остварат своите права на достоинствен, квалитетен и продуктивен живот“, изјави Андреј Сених, координатор на „Заедно посилни“.

Добротворниот концерт на првенците на операта и солистите од Македонската филхармонија беше централниот настан од годинешната национална кампања која тематски беше посветена на борбата против предрасудите кон луѓето што живеат со ХИВ, а која опфаќаше серија едукативни и информативни содржини, работилници и настани, меѓу кои и трибината насловена „Позитивни разговори“, во која активно се вклучија и голем број истакнати јавни личности и уметници.

Ова е трета година по ред во која, преку организација на добротворен концерт се обезбедуваат средства за финансирање на потребите на лицата што живеат со ХИВ во нашата земја. На добротворните концерти изминатите две години собрани беа вкупно 427.900 денари, од кои 225.000 денари се наменски искористени за обезбедување тестови за следење на ХИВ-инфекцијата, а 202.900 денари се искористени за помош на социјално загрозените лица со ХИВ.