Парична сума од околу 3800 евра (232.310 денари), наменета за поддршка на луѓето со ХИВ е собрана со овогодинешната кампања на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, под мотото „Сите сме дел од промената“.
Најголем дел од средствата биле собрани од аукцијата на уметнички дела, одржана на 1 декември, Светскиот ден на СИДА, а потоа од директни донации и од добротворен прилог.
На добротворната аукција сопствени уметнички дела донирале неколку македонски уметници.
„Чест ми е што можам да учествувам во овој настан за убава цел и да помогнам на начин на којшто можам јас како уметник. Луѓето помагаат на различни начини – некој со средства, некој со слика, а некој со своето присуство“, вели Симон Калајџиев, еден од авторите кои донираа свое дело за аукцијата.
Од здружението велат дека собраните средства ќе се искористат за помош на лица со ХИВ кои живеат во неповолни социјални услови, со цел да го олеснат нивниот пристап до терапија и лекување, доделување скромна помош во прехранбени и хигиенски производи, како и покривање на итни здравствени потреби за кое било лице со ХИВ. Дел од средствата ќе бидат искористени за одржување на активностите за психосоцијална поддршка, застапување и подигнување на јавната свесност.
Во рамките на оваа кампања беше спроведен и мал социјален експеримент за мерење на стигмата кон лицата со ХИВ кај македонските граѓани.
„Експериментот ни покажа високо ниво на знаење за начините на пренос на овој вирус, како и на емпатија и поддршка кон лицата што живеат со него. Видеото кое произлезе како производ од социјалниот експеримент се стекна со огромна гледаност во медиумите и најпопуларните интернет портали, а преку споделување на социјалните мрежи достигна повеќе од 400.000 онлајн прегледи во државата и пошироко“, велат од здружението.
Овогодинешната кампања беше овозможена со средства од УНФПА и Меѓународната федерација за планирано родителство, а ја поддржаа Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, Министерството за здравство, амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Ваутер Пломп и постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, Луиза Винтон.