Од 3 до 5 март во Кинотеката на Македонија со почеток од 20 часот се прикажува избор на кусометражни филмови од програмата на реномираниот Фестивал на кусометражни филмови Оберхаузен. Ретроспективата од минатогодишниот фестивал е насловена „Оберхаузер патува 2017“
Имено, во соработка со Амбасадата на Германија, Кинотеката ќе прикаже седум германски документарци, избор од меѓународната програма со филмови од Филипини, Велика Британија, Финска, Полска, избор на наградени филмови на Оберхаузен 2016, како и избор на македонски филмови што беа прикажани на фестивалот.
„Меѓународниот фестивал на кусометражни филмови во Оберхаузен се одржува веќе шест децении и е еден од најстарите фестивали во светот. Во просек се пријавуваат по 5000 филмови годишно, од кои по пат на селекција се прикажуваат по повеќе од 400 филмови во едно фестивалско издание“, велат организаторите.
Своите први проекции во Оберхаузен ги имале разни видни режисери, меѓу кои Милош Форман, Берт Ханстра, Роман Полански, Вим Вендерс, Франсоа Трифо, Вернер Херцог, Ален Ресно, Норман Мек Ларен, Линдзи Андерсон…
Во една од програмите ќе биде прикажан и краткиот филм „Ден пред крајот“ на филипинскиот режисер Лав Дијаз, кој лани го доби „Златниот лав“ за најдобар игран филм во Венеција. Дополнување на програмата ќе бидат и македонски филмови што учествувале на фестивалот од 1976 до1982 година. Оваа селекција ќе биде прикажана на 6 март.