Обединетите нации основаа нов фонд за поддршка на младинското волонтерство

Обединетите нации основаа специјален нов фонд наменет за поддршка на волонтерството, со чија помош ќе се искористи енергијата на младите насекаде низ светот во остварувањето на развојните цели.  Ова го соопштија од Програмата за развој на ОН (UNDP) и Програмата за волонтерство (UNV), на првата годишнина од објавувањето на петгодишниот акциски план на генералниот секретар Бан Ки-мун, во кој е вклучено и основањето на ваков фонд.

Волонтерството се базира на вредностите како самопомошта, долидарноста и социјалната кохезија и е широко признаено како моќно средство за трансформирање на темпото и на природата на човечкиот развој.

„Преку волонтирањето, младите луѓе добиваат силно чувство за граѓанско ангажирање, за да донесат промени во нивните заедници. Младинското вклучување и волонтирањето се клучни за постигнувањето одржлив човечки развој и УНДП ќе продолжи да дава високо значење на младинската агенда, вклучувајќи ја и волонтерската програма на ООН“ вели Хелен Кларк, администраторот на УНДП и поранешна премиерка на Нов Зеланд.

Новиот фонд ќе дава финансиска основа за понатамошно дизајнирање и имплементирање на модалитетите за младинско волонтерство, кои ќе бидат претставени во текот на годинава. Со ова, поддршка ќе добијат младинските иницијативи кои директно го засилуваат ангажирањето на младите во волонтерски активности, а предвидени се и средства за зајакнување на капацитетите на владите за развивање на сопствени волонтерски активности.

Како дел од континуираната поддршка за волонтерството, УНВ во моментов има распоредено 87 млади волонтери во 50 земји во развој. Оваа иницијатива е поддржана од владите на Белгија, Чешка, Франција, Германија, Ирска, Италија и Швајцарија, а таа има и свои фондации и универзитети во Јужна Кореја, Јапонија и Шпанија.