Обединетите Нации со видео игра ги ангажира младите за климатските промени

„Ресетирај ја Земјата“ (Reset Earth) е наречена играта за мобилни телефони преку која Обединетите Нации (ОН) сака да ги ангажира младите луѓе низ светот за климатските промени.

Идејата е да се привлече вниманието на „Gen Z“ генерацијата за заштита на озонот. Играта прикажува пост-апокалиптичен свет во 2084 година во кој озонската обвивка е целосно уништена. Три тинејџери се здружуваат со цел да ја спасат Планетата, пренесува Еуроњуз.

„Мислам дека е важно помладата генерација да сфати дека можат да направат промена, дури и ако некои од проблемите со кои се соочуваме во моментов изгледаат непремостливи“, вели Стефани Хеј Смит од Секретариатот за озон на ОН.

Играта е нов обид да се искористи силата на најбрзо растечката медиумска платформа во светот, бидејќи постојат преку 2 милијарди луѓе кои играат видео игри на глобално ниво. Според извештајот на Програмата за екологија на ОН (УНЕП) во 2019 година, овој медиум може да ангажира милијарди луѓе преку охрабрување тие да најдат решенија за општествените и еколошките предизвици.

По објавата на овој извештај ОН одлучи да почне соработка со компании за развој на видео игри и да ги мобилизира да преземат иницијативи. Целта беше да се вметнат повеќе еколошки елементи во нивните игри и да се заложат за одржливост. Така ја создадоа Алијансата „Играње за Планетата“ која има скоро 30 членови, помеѓу нив и компаниите кои стојат зад создавањето на „Angry Birds“, „Assassin`s Creed“, „Transformers: Earth Wars“ и други популарни видео игри, од кои сите се согласни на вклучување пораки за одржливост на природата во нивните игри.

Алијансата соопшти дека во 2020 година успеале да допрат до 110 милиони луѓе преку нивните „зелени“ активации во игрите.