Обама со овации и протест пречекан во Куба

Американкиот претседател Обама,  заедно со сопругата Мишел и двете ќерки, синоќа пристигна во Хавана, со што ја почна историската посета на Куба. Тој е првиот американски претседател на САД кој по 88 години стапна на кубанска територија.

За време на дводневната посета е предвидено да одржи средба со кубанскиот претседател Раул Кастро и со група политички дисиденти, а ќе зборува и во Националниот театар во Хавана. На аеродромот во Хавана, Обама беше пречекан од кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез. По пристигнувањето, Обама прво ја посети Амбасадата на САД, што по обновата на односите во декември 2014, беше одново отворена во август минатата година.

Американскиот претседател ја посети и катедралата „Сан Кристобал“, каде неколку часови пред тој да допатува, кубанската полиција го растури протестот на групата „Жените во бело“ и уапси неколкумина нејзини активистки. Оваа група ја сочинуваат сопруги на политички затвореници, кои неколку години секоја недела пред катедралата протестираат и бараат ослободување на нивните сопрузи.

Двете земји го прекинаа непријателството, се согласија да ги обноват дипломатските односи и да отворат амбасади во главните градови. Обновен е директниот сообраќај, а од вчера се обновени и поштенските врски, првпат по 1 јануари 1959 година и по победата на револуцијата на Фидел Кастро.