Обама најави дека ќе го ограничи шпионирањето

Американскиот претседател Барак Обама денеска објави забрана за шпионирање на лидери на блиски пријателски и сојузнички земји на САД и го ограничи собирањето на телефонски податоци за Американците со серија реформи, предизвикани од откритијата на Едвард Сноуден.

Обама со најава за ограничување на програмата на НСА

Обама во обраќањето во Министерството за правда најави дека програмата ќе биде прекината „таква, каква што е“.

Според него, службениците на разузнавањето не ја злоупотребувале свесно програмата, за да ја нарушат приватноста.

Обама рече дека смета оти критичарите на програмата биле во право кога тврделе дека без соодветни заштитни мерки, податоците можат да бидат искористени за добивање повеќе информација за личниот живот на Американците.

Британскиот весник „Гардијан“ вчера објави дека Американската Агенција за национална безбедност (НСА) дневно ширум целиот свет следела по околу 200 милиони кратки пораки на мобилните телефони, преку кои дознавала за плановите на луѓето за нивните патувања, контакти и трансакции со кредитните картички.

Програмата на НСА со кодно име „Дишфаер“ во „голема мерка собирала се што е можно“, наведува весникот, повикувајќи се на истражување што го спровеле заедно со телевијата Канал 4, врз основа на документи што ги обелодени поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден, кој во моментов се наоѓа во Русија.

Едвард Сноуден на весникот Гардијан му предаде повеќе од 200 илјади документи кои ја открија екстензивната и нападна природа на следењето на телефоните и интернет надзорот и собирањето на разузнавачки информации од страна на САД и нивните западни сојузници