Обама ќе прогласи најголемо заштитено подрачје на планетата

Американскиот претседател Барак Обама ќе ја искористи неговата можност да прогласува места од национално значење (национален парк или природен резерват), за да ја создаде најголема заштитена површина на планетата Земја во водите и островите покрај брегот на Хаваи, информираа од администрацијата на Белата куќа.

prosiruvanje rezervat

Споредба на претходната и новата големина на подрачјето на природниот резерват Папаханаумоокајкеа

За четири пати ќе се зголеми подрачјето на водениот природен резерват Папаханаумоокајкеа (споен збор од имињата на хавајските богови на земјата и небото), кој по проширувањето ќе се простира на повеќе од 1,5 милиони километри квадратни.

Проширувањето на природниот резерват треба долгорочно да ги заштити коралните гребени и подводниот живот, каде се наоѓаат преку седум илјади различни растителни и животински видови, меѓу нив и ретки китови и морски желки кои се сметаат за загрозени видови. Ќе бидат забранети сите комерцијални ископувања на ресурси и комерцијален риболов. Дозволен ќе биде рекреативен риболов, користење ресурси за традиционалните културни потреби на жителите на Хаваи, додека научни истражувања ќе бидат дозволени со дозвола од федералната власт.

Обама, кој е по потекло од Хаваи, ќе го посети тој регион следната недела и ќе упати пораки за заканите од климатските промени и важноста за зачувување на јавните копнени и водени површини.

Претходната површина, првично беше прогласена за природен резерват од претседателот Џорџ Буш во 2006 година, а во 2010 година влезе и на листата на светски наследства на УНЕСКО.