О2 Коалиција: Струмица во 2012 се гасифицираше, а во 2019 е најзагадена општина

Струмица во ноември 2012 стана прва системски гасифицирана општина во Република Македонија. Струмица во јануари 2019 е најзагадениот град во Македонија, позагаден и од Скопје. Нели гасификацијата ќе го решеше загадувањето со воздухот? Кога се даваат површни пароли, тогаш имаме ваква реалност, се вели во реакцијата-анализа од 02 Коалиција.

Ви го пренесуваме интегрално соопштението од 02 Коалиција:

❌ Во Струмица државните институции се греат на нафта. Објектите се стари и инсталациите некомпатибилни за приклучување на гасоводната мрежа. Но и новата зграда за јавна администрација (УЈП, Катастар, итн) не е приклучена на гас, иако е изградена пред три години, кога Струмица била гасифицирана.

⛔️ Општата болница во Струмица, во чиј двор е поставена мониторинг станицата на МЖСПП, се грее на екстра лесно масло за греење (нафта). Од МЖСПП велат дека затоа биле високи вредностите.

Но, мерната станица од Универзитетот Гоце Делчев поставена на плоштадот во центарот на градот исто покажува високи вредности. Индикативните мерења од мерач на Ленинова, блиску до паркот во Струмица, од Pulse мрежата го потврдуваат ова (https://strumica.pulse.eco).
Струмица е на врвот од загадените градови во Македонија, заедно со Скопје.

➡️ Во Струмица на гас се греат само околу 350 физички и правни субјекти, претежно угостители и прозиводствени капацитети.
Ако видиме од пописот од 2002 во Струмица имало 15,896 домаќинства. На што се греат над 15,500 домаќинства? На гас сигурно не.

Ова е кога се нема вистинска анализа и детални податоци врз кои се базираат долгорочни и издржани одлуки.

⛔️ Струмица требаше да биде најчистиот град во Македонија, според изјавите на сите политичари. Но е најзагаден.

➡️ За да го зголеми користењето на гас од страна на домаќинствата, општината пред два месеци поднела иницијатива до Владата за намалување на ДДВ на природниот гас од 18% на 5%, но дали ќе се одобри или не, тоа уште не се знае. Општината најавила и укинување на приклучната такса за гасот. Но и за оваа мерка не се знае дали и кога ќе се спроведе.

❗️ Примери од регионот имаме каде Владата им понудила на граѓаните бесплатни приклучоци за гас, но одѕивот бил многу мал. Се покажало дека бесплатните приклучоци не се доволни, дека она што е најважно е целокупната цена на греење да биде поефтина за луѓето да се префрлат на друг начин на греење. Тоа значи дека и цената на копањето, инсталирањето на цевки, котли и сл. за да се греат на гас, заедно со годишната сум за греење треба да е поефитна од сегашната сума која ја трошат.

❓ Дали некој направил детална анализа за секоја општина, особено најзагадените, која е најповолната долгорочна одржлива опција за домаќинствата, секое поединечно, јавните и приватни објекти кои се греат на нечисти горива, фосилни гориви? Да не се заборави дека и гасот е фосилно гориво, за кое се смета дека ќе го има уште околу 50ина години, слично како и нафтата, додека јагленот ќе потрае дупло повеќе.

❌ Одржливоста ниту во плановите, ниту во мерките ја нема во државава. Стратегија каде се движиме, во која насока одиме, нема. Те ќе се гради едно, те друго, те увоз на јаглен и нови термоелектрани на јаглен и нови рудници на јаглен, те гасификација, итн.
Важно го ратификувавме Парискиот договор за климатските промени.

Одиме по принципот сиромавиот три пати плаќа. Ние богами и пет пати. И уште ќе се гушиме и умираме од загаден воздух. Е тоа е талент.

Струмица, мерна станица МЖСПП. Во врвот на загадените градови во земјава. Далеку отскокнува од другите во загаденост со PM10. Само Скопје и е конкуренција. Графиконот е за јануари спореден со тие на Куманово, Кавадарци, Кочани.