О2 Иницијатива со трибина на еколошки теми со тројцата претседателски кандидати

Граѓанското здружение О2 Иницијатива, во недела (14 април) организира трибина насловена „Деградација на животната средина – Закана по националната безбедност“, на која ќе учествуваат тројцата кандидати на престојните претседателски избори.

Дискусијата ќе почне од 15:30 часот во Јавна соба.

„Оваа трибина има за цел да го постави прашањето на загадувањето и грижата за животната средина на агендата за следните 5 години, и да ги искористи надлежностите, но и кредибилитетот на претседателот/претседателката во неговото решавање. Тројцата претседателски кандидати ќе имаат можност да ги изложат своите ставови, видувања за одбраната на националните интереси, заштита и унапредување на животот и на здравјето на граѓаните и заштита и унапредување на животната средина, во 21 век, одлуката на претседателот да предложи вонредна состојба при големи природни непогоди, кои се во сè поголеми размери и позачестени како резултат на климатските промени, начинот на учество на дел од Армијата во кризна состојба, како поддршка на полицијата, шумската полиција… Исто така ќе се постави и прашањето на деградација и уништувањето на животната средина и на еколошките потенцијали, природните непогоди, индустриските несреќи од поголем обем, како закани и ризици по националната безбедност“, најавуваат организаторите.

Од О2 Иницијатива информираат дека присутните на трибината ќе можат да им постават конкретни прашања на претседателските кандидати, додека нема да бидат дозволувани прашања надвор од темата.