О2 Иницијатива: МПЦ да ја подари парцелата во Центар за парк

О2 Иницијативата побара Македонската православна црква да се откаже од парцелата спроти „Холидеј ин“ и место згради таму да се изгради парк. Тие ја повикуваат црквата да не ги осудува децата на живот во гасни комори и да не дозволи материјалното да го засени духовното.

Парк во Даблин

„Ве повикуваме плацот што го поседувате во строгиот центар на Скопје да го донирате за парк што ќе биде симбол на вера и љубов, она што на овој народ во овој момент покрај чистиот воздухот му е најпотребно. Практикувајте го она што го проповедате, вратете ја надежта на луѓето во добрината и духовноста. Не осудувајте ги нашите деца на живот во гасни комори, бебиња на борба за живот уште неродени, не нè терајте да молиме за воздух. Во име на тие деца и нивната иднина не правете ја оваа грешка, не давајте материјалното да го засени духовното. Конечно, и вие некогаш некому, на својот народ или на Бога, ќе треба да одговорите која е потребата на духовни лидери да се опкружуваат со материјални работи. Која е потребата до вашите црковнички титули да стојат суми испишани во евра? Во вашиот земски живот правевте добро или зло?“, стои во јавниот повик објавен на „Фејсбук“.

Парк во Банког

Македонската праволсвна црква по пат на денационализација стана сопственик на парцела од 3.766 квадратни метри спроти „Холидеј Ин“ кои ги отстапила на фирмата „Обновители“ кои, пак, за возврат треба да изградат зграда во која МПЦ ќе има канцеларии. Сопственикот на „Обновители“, Зоран Антиќ, е сопственик и на „МГ Фешн“ која пак од државата ја откупи соседната парцела од 9.000 квадратни метри по цена од 312 евра за квадратен метар.