Нула загинати велосипедисти до 2021 – Град Скопје објави Нацрт план за велосипедскиот сообраќај

Работната група за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје изработи тригодишен Нацрт план за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Скопје за периодот 2019 – 2021 година. Визијата на планот е унапредување на велосипедскиот сообраќај, создавање на пријатен град за возење велосипед со безбедна и комфорна и добро поврзана велосипедска мрежа, велат градските власти.

Како што соопштија, главните цели на Нацрт планот се:

– Зголемување на патувањата со велосипед во однос на вкупниот број на патувања така што до 2021 година 5% од вкупниот број на патувања ќе бидат реализирани со велосипед;

– 0 (нула) загинати велосипедисти до 2021 година;

Во планот се дадени мерки за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Скопје кои се распределени во 5 области и тоа:

– Област 1: Промена на однесување
– Област 2: Пријателска инфраструктура за возење на велосипед
– Област 3: Мултимодалност и интелигентни транспортни системи
– Област 3: Финансиска поддршка
– Област 5: Институционална рамка за управување и делување

Нацрт планот е објавен на интернет страницата на Град Скопје, а оттаму ги повикуваат граѓаните и сите засегнати страни во наредните 15 дена да ги достават своите забелешки со пополнување на анкетатата за поднесување на забелешки. Планот и анкетата може да се најдат на следниов ЛИНК.