N’toko, Druggy и S.A.M. на 2 јуни на заедничкиот стрим на МКЦ и Кино Шишка

МКЦ од Скопје и словенското Кино Шишка од Љубљана на 2 јуни ќе одржат нов заеднички стрим, како продолжение на соработката за онлајн концерти во време на кризната состојба.

На музичкото мени од 21 часот е N’toko. Организаторите велат дека се работи за еден од оние уметници чија музика и стихови изгледаат скроени за вонредните времиња во кои живееме.

„Од индустриското волшебство на продукцијата на Blaž на неговиот најнов албум ‘Emirates’ до анализата на посочената и утописка класа на неговите словенечки стихови, живиот опус на N’toko нè носи низ целиот апсурд, гнев и надеж на нашата карантин ера“, стои во најавата за онлајн концертот.

Од 22:15 часот потоа следуваат Druggy и S.A.M.

С.А.М. е македонски хип-хоп артист од Тетово, неговиот деби албум „Огледало“ е издаден во септември 2018. Под длабоко влијание на традиционалниот македонски хип-хоп истиот албум е сервиран и како жанровска експериментална бомба поради неговите широки музички влијанија.

„По неговиот деби албум објавува компилација инструментали насловена ‘Beat Tape Vol.1’ и неговото последно издание е неговиот трет проект насловен ‘Пркос’ ЕР. Бележи соработки со артисти како: Wikluh Sky, Druggy, Dj Oky Doky, Conquering Lion, Гоце Симоноски (High Control), Ади Имери, Dragi Ivanov, 5Р, DJ Drazi Drags, Лукс Кмала, Рап Позитив…“, соопштуваат од МКЦ.

Druggy, пак, е македонски артист кој работи како продуцент, диџеј и организатор на настани на македонската алтернативна сцена од 2006 година. Своето музичко патешествие го започна како продуцент во студиото G-Madda Funk, а потоа беше дел и од drum’n’bass/dubstep дуото Anomalia Nativa.

„Во 2014 беше еден од основачите на TRAP DA FUCK UP колективот, кои ги постави основите на трап сцената во Македонија. Својот печат со своите инструментали и продукција го има оставено на многу хип-хоп дела и има работено со артисти како Kacar, Bernays Propaganda, Toksikolozi, Legijata, Sexy Marsa, Bon Praskiza, Donplaya, Gloomie и многу други. Неговото најново издание во 2020 е микстејпот Druggy Слушатели, кој вклучува соработки со артисти од македонската хип-хоп сцена“, се вели во најавата за концертот.