Новогодишно гушкање и хуманитарна акција во ГТЦ

Младинската организација „Млади за љубов“, познати по кампањата Гратис Гушкање и Brainobrain Macedonia во сабота (27 декември) во ГТЦ организираат новогодишно гушкање и хуманитарна акција. Донаторската собирна акција ќе се одржува во периодот од 13 до 15 часот, а е наменета за децата од Дневниот центар во Шуто Оризари.

Празниците се ближат, желбите се нижат, а членовите на младинската организација ,,Млади за љубов’’ потсетуваат дека среќата е поголема кога е несебично споделена. Во соработка со ,,Brainobrain Macedonia’’, неуморните гушкачи ве канат на големо предновогодишно дружење оваа сабота (27.12), во ГТЦ, каде од 13 до 15 часот повторно ќе сеат многу љубов, оптимизам и прегратки на сите минувачи од метрополата.

„Настанот е од хуманитарен карактер, а има за цел да им подари насмевка и можност да ја почувствуваат новогодишната магија на малите пријателчиња од Дневниот центар за деца во Шутка, на кои и малата помош им значи се’. Нивните желби се скромни: храна, шалче, капче, ракавички, кукла, количка, или други ситни нешта кои носат радост, а со своите подароци од срце ќе можете да ги израдувате оставајќи ги на празничната елка за донации. Во Дневниот центар има повеќе од 100 деца, а просторот нема услови за готвење. Затоа, не е препорачливо да се носат супи, тестенини или останати производи кои треба да се варат или печат“, советуваат организаторите на акцијата.

Младинската организација „Млади за љубов“, во рамките на своите активности веќе 6 години успешно ја спроведува кампањата „Гратис Гушкање“ со работен концепт базиран на тимска работа која тргнува од мотото „повеќе љубов за луѓето”. Социјалната кампања има за цел да ја покрене свеста за љубов, филантопија и потребата да се сподели со другите.

Браинобраин Европа- Скопје постои од 2010 година и веќе петта година успешно ги трансформира детските животи, креирајки едукација за децата која е базирана врз основа на вистински човечки вредности: љубов, искреност, развој, среќа и преку посебна програма за развој на вештини и способности кај децата ги користи менталната аритметиката и НЛП техниките како методи на работа.