Новогодишни пазарења и триковите на трговците

Новогодишните празници наближуваат. Еуфоријата ги зафаќа сите, а трговците нудат разни акции и попусти за да привлечат што повеќе потрошувачи. Сите ќе го одврзат ќесето понесени од предновогодишното расположение, но треба да внимаваат и на триковите на трговците, анализира новинската ангенција МИА.

Новогодишни пазарења и триковите на трговците

Во последниот месец од годината во трговијата и угостителството се бележи пораст, како резултат на празниците.

Расположението ги прави потрошувачите помалку внимателни, а трговците итри и користат разни техники да го намамат потрошувачот. Така лани во декември во Организацијата за заштита на потрошувачи имало 173 јавувања во Скопје со забелешки во однос на заштита на нивните права. Оттаму велат реагирале на несоодветно искажување на цената на производот што е на попуст, односно претставен во проценти или претставеното намалување не се однесувало на последната цена туку на првичната цена на производот.

Од Организацијата истакнуваат дека трговецот мора физички да ги одвои производите што се на распродажба од оние кои не се. Мора видно и на јасно место да истакне натпис дека производите се на распродажба. Да биде истакнато на производот ако е со грешка.

На потрошувачите им препорачуваат да прошетаат по продвницата, да ги следат цените подолго време, оти на тој начин единствено ќе бидат во тек и ќе знаат дали распродажбата е вистинита.

Исто така треба да се внимава на лажните попусти или лажни огласувања од страна на трговците. Чести примери се оние за попусти во продавниците и до 70 проценти, притоа граѓаните мислејќи дека ќе купат производи со толкав попуст, влегуваат во продавницата и се разочаруваат кога ќе видат дека само мал дел од производите имаат ваков попуст иако на целиот излог стојат огромни натписи кои наведуваат да помислите дека овој попуст важи за сите производи. Дури во моментот кога ќе дојдат на касата гледаат дека попустот важи само за одредени производи, а не за тие кои ги одбрале.

Правило е дека при попусти старата цена мора да биде јасно напишана и прецртана, а новата јасно видлива и читлива. Попустот треба да се пресмета на цената што трговецот ја користел во последните 30 дена. На пример продавачот продавал јакна по цена од 1500 денари, по три месеци јакната ја намалил на 1000 денари и оваа цена ја користел 30 дена или повеќе.

Кога тој сака да направи дополнителен попуст тој треба да направи попуст на јакната на овие 1000 денари затоа што оваа цена ја применувал 30 дена пред да почне новиот попуст. Често тие прават попусти на првата цена, а не на цената што ја користеле во последните 30 дена. Затоа излегува дека производот е намален на пример и до 40 проценти, а всушност е намален само 20 отсто, се вели во анализата на МИА.