Новогодишна донаторска акција во Дуња

Социјалниот Центар – Дуња на 26-ти декември (сабота) од 12 до 15 часот организира прибирање донации за сите оние кои имаат најголема потреба оваа зима.

За оваа новогодишна акција ќе се прибираат донации во храна, новогодишни пакетчиња, детска и бебешка облека.

„Во услови на светска пандемија, економска криза, зголемена невработеност, многу луѓе се оставени без основните потреби за достоинствен живот. Претходните донаторски акции беа многу успешни, но за жал сеуште има многу граѓани кои имаат огромна потреба од помош. Ајде да бидеме солидарни и да им помогнеме на оние кои им е најпотребно, како и да им ги разубавиме претстојните празници“, велат од Дуња.

Од Центарот напоменуваат дека граѓаните со своите донации треба само да се упатат до нивните простории и дека во дворот ќе ги пречекаат нивни волонтери со ракавици и маска. Донациите подоцна ќе бидат предадени во најголем дел на социјални случаи, а останатото ќе може да го земе оној кој има потреба, додаваат од Дуња.

Социјалниот Центар – Дуња се наоѓа на ул. Рајко Жинзифов бр. 22 (улицата кај автобуската постојка спроти Градежен факултет).