Новогодишен концерт на Македонската опера и балет

Македонската опера и балет вечерва од 20 часот ќе изведе новогодишен концерт во Македонскиот народен театар, кој го востановува годинава со идеја да стане традиционален настан за првиот ден од секоја нова година.

На концертот под диригенство на Ѓорѓе Павловиќ од Србија, ќе бидат изведени арии и дуети од оперети, хорски, оркестарски, балетски нумери од делата на светски композитори, валцери и полки.  Ќе настапат оперските солисти Каталина Бертучи од Австрија, Сања Керкез од Србија и македонските Благица Поп Томова и Ѓорѓи Цуцковски, балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичијашвили, Бобан Ковачевски, Наташа Јосифовска, Билјана Басмаџиева, Игор Веланоски, Мирослав Митрашиновиќ, Ивана Коцевска, Саша Евтимова и Јан Кисилев, Хорот, балетскиот ансамбл и Оркестарот на МОБ.

На програмата се дела од Петар Илич Чајковски (Полонеза од операта „Евгениј Онегин“ и Валс на цвеќињата од балетот „Оревокршачка“), Франц Лехар (Арија на Хана Главари,  Романса на Камиј де Росион и Дует на Хана и Данило – сите од оперетата „Веселата вдовица“, како и Арија на Џудита од истоименото дело), Имре Калман (Арија на Силва од оперетата „Војвотката на чардашот“) и пет композиции од Јохан Штраус Помладиот (Арија на Аделе и Чардаш на Розалинда од оперетата „Лилјакот“, Пицикато полка, „Пролетни звуци“ и полката „Молњи и громови“).

Новогодишниот концерт ќе биде пренесуван во живо на Македонската телевизија.