Ново рочиште против Мариглен Демири за учество во протестите против аболицијата

Од 11:30 часот започна ново рочиште на судскиот процес против Мариглен Демири од Левица поради учество во протестите против одлуката за аболиција на претседателот Ѓорге Иванов.

Од Левица велат дека протестите одамна завршија, но судскиот прогон против истакнати членови на Левица продолжуваат. Покрај Мариглен Демири, судски процес за учество на протестите се води и против членовите Здравко Савески и Владимир Куновски.

„Левица претставува трн во окото за многумина. Се применуваат различни методи да се спречи нејзиниот раст, посуптилни и помалку суптилни. Помеѓу тие методи е и поведувањето на судски процеси против членови на Левица и нивно одолговлекување до недоглед. Но ние порачуваме: нема да потклекнеме, нема да нè скршите! Нашето време доаѓа!“, реагираат од Левица.

Инаку, претходното рочиште беше откажано, а судијката Добрила Кацарска рече дека Правобранителството доцнело со проценката за материјалната штета од уништувањето на канцеларијата на претседателот.