Ново признание на Оскарите – Твитер корисниците ќе може да гласаат за најпопуларен филм

Организаторите на Оскарите ќе вклучат нова награда за најпопуларен филм на годината според Твитер корисниците, соопштија организаторите, а пренесува Франс24. Идејата е да ги привлечат гледачите на церемонијата чија публика драстично опадна.

Најавата, која ќе биде објавена за време на 94-тото телевизиско емитување на Оскарите на 27 март, доаѓа откако неколку филмски блокбастери, вклучувајќи ги „Spider-Man: No Way Home“ и „No Time to Die“ не успеаја да заработат номинации за Оскар во главните категории.

Нивниот пропуст ги зголеми стравувањата дека многу филмски фанови нема да го следат шоуто. Но, за кој било филм објавен во 2021 година може да се гласа во новата категорија со користење на хаштагот на Твитер #OscarsFanFavorite или преку веб-страницата на Академијата, со што се зголемуваат шансите некој блокбастер да биде награден вечерта.

Телевизискиот рејтинг на Оскарите драстично се намали во последните години. Минатогодишното издание, во кое беа одликувани главно помалите, уметнички филмови, како што е победникот за најдобра слика „Номадленд“, го гледаа нешто повеќе од 10 милиони гледачи – што е пад од 56 проценти во однос на 2020 година, што веќе беше рекордно ниско ниво.

Академијата за филмски уметности и науки испробува различни форми за да ја зголеми популарноста на церемонијата.

Во 2018 година, организаторите предложија воведување Оскар за „популарен филм“ за да им оддаде почит на филмските блокбастери, како што се филмовите „Војна на ѕвездите“ или филмовите за суперхерои на Марвел кои заработија милиони на кино благајните. Но, брзо ги откажаа тие планови откако критичарите го исмеаја овој потег.

Љубителите на филмови можат да гласаат до 20 пати дневно до 3 март, а тројца победници по случаен избор ќе бидат поканети да го доделат Оскар на церемонијата следната година.

Во меѓувреме, се појавија написи во медиумите за потенцијални овогодинешни водители на Оскарите. Дел од нив пишуваат дека актерките Ејми Шумер, Реџина Хол и Ванда Сајкс ќе ги делат водителските должности. Сепак, Академијата не ги коментираше написите.

Оскарите следниот месец ќе се вратат на традиционалното место на церемонијата, театарот Долби во Холивуд.

Тие ќе се одржат подоцна од вообичаеното, наводно за да не се совпаднат со Зимските олимписки игри во февруари и неделниот Супербол во Лос Анџелес.